Врз основа на член 4 и 18 од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на РМ бр.52/10 ) Собранието на Здружение за планинарење и заштита на планината КОЗЈАК 2013 на седницата одржана на ден 08.07.2013 година, донесе:
С Т А Т У Т
на Здружение за планинарење и заштита на планината КОЗЈАК 2013
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Здружение за планинарење и заштита на планината КОЗЈАК 2013 од Куманово (во понатамошниот текст ЗПЗП Козјак 2013 ) е здружение на граѓани формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите цели, интереси и уверувања, како и заради вршење на дејности и активности од областа на планинарењето и заштитата на екосистемот на планината Козјак и подигање на јавната свест за значење на истите.
Член 2
Граѓаните се здружуваат во ЗПЗП КОЗЈАК 2013 заради остварување на поширок општествен интерес, преку што се задоволуваат потребите од стручна и друга помош.
Член 3
ЗПЗП КОЗЈАК 2013, како здружение на граѓани своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите утврдени со Уставот на Република Македонија, со овој Статут, како и со другите законски норми кои регулираат материја од оваа област.
Член 4
Називот на здружението е Здружение за планинарење и заштита на планината КОЗЈАК 2013 од Куманово.
Член 5
Седиштето на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 е во Куманово. ЗПЗП КОЗЈАК 2013 се организира и делува на подрачјето на Република Македонија.
Член 6
ЗПЗП КОЗЈАК 2013 има статус на правно лице.
ЗПЗП КОЗЈАК 2013 има свој печат и штембил.
Печатот е тркалезен и го содржи името на здружението: Здружение за планинарење и заштита на планината КОЗЈАК 2013, а во средината се наоѓа грбот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Штембилот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 е правоаголен со следниот текст: Здружение за планинарење и заштита на планината КОЗЈАК 2013 од Куманово, број, дата и место.
Член 7
ЗПЗП КОЗЈАК 2013 има свој грб и знаме.
Грбот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 претставува штит чие поле е поделено со шеврон, под шеврон се наоѓа глава на коза, над шеврон во горниот лев агол од полето на штитот се наоѓа знак за планинарска маркација, а во горниот десен агол се наоѓа цвет од рунолист. Под штитот стои натпис 20 КОЗЈАК 13 .
Изгледот на грбот и знамето се донесува и менува на седница на Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Грбот и знамето се користат при активностите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 на начин кој не го нарушуваат угледот и достоинството на ЗПЗП КОЗЈАК 2013, на неговите членови и пошироката општествена заедница.
ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ЗПЗП КОЗЈАК И НАЧИНОТ НА НИВНО ОСТВАРУВАЊЕ
Член 8
Граѓаните се здружени во ЗПЗП КОЗЈАК 2013 заради остварување на поширок заеднички интерес , а како посебни цели и задачи се :
-промовирање и организирање на планинарски тури и други рекреативни активности на планина во земјата и странство, особено на планината Козјак;
-заштита на природните пространства на планината Козјак од деструктивното човеково делување преку залагање за прекинување на сите активности кои неповратно ја уништуваат дивината и природата на планината и организирање на акции за санирање на последиците од истото;
-подигање на еколошката свест кај јавноста, а особено кај планинарите, за потребата од заштита на екосистемот на планината Козјак;
-подигање на јавната свест за значење и корист од планинарење и заштита на планината преку организирање на јавни акции;
-собирање, обработка и презентација на информации за природното и културното наследство на планината Козјак и нивна заштита;
-издавање на брошури, прирачници и друг промотивен материјал кој ќе ги обработува горенаведените теми;
-трасирање и обележување (маркирање) на планинарски патеки, во согласност со принципот за ненарушување и заштита на природната средина;
-организирање на обуки и предавања за членовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и други заинтересирани лица за планинарење и други активности поврзани со престојот на планина;
-воспоставување на контакт и соработка со здруженија од земјава и странство кои имаат слични активности и кои делат слични вредности, особено со планинарски друштва, еколошки здруженија и сл. (зачленување во сојузи, асоцијации, организации и федерации на здруженија и клубови кои имаат слични вредности, цели и интереси може да се случи само по претходна одлука на Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 ).
ЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЗПЗП КОЗЈАК 2013
Член 9
Член на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 може да биде секој граѓанин-државјанин на Република Македонија кој ги дели вредностите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и сака да учествува во остварувањето на целите и задачите кои произлегуваат од истите.
Пристапувањето се врши по претходно запознавање со Статутот и другите акти на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и прифаќање на истите со пополнување на пристапница и плаќање на членарина за тековната година.
Странски државјани можат да бидат почесни членови на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
ЗПЗП КОЗЈАК 2013 за своите членови води регистар на членство кој се ажурира секоја година, а најмалку еднаш на 2 (две) години.
Член 10
Членовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 имаат право да учествуваат во работата на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и бидат бирани во органите на управување.
Член 11
Престанок на членството во ЗПЗП КОЗЈАК 2013 може да настане по барање на членот или со исклучување.
Член 12
Исклучување од членство во здружението се остварува во следниве случаи:
-поради неизвршување на своите обврски во согласност со Статутот и актите на здружението или поради прекршување на истите;
-своеволно делување надвор од зацртаните вредности, цели и задачи на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-поради неоправдано отсуство од состаноците на органите на управување на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Исклучувањето од членство во горенаведените случаи се врши со одлука на Извршниот одбор.
Исклучување од членство се врши по автоматизам во случај на неплаќање на членарина за тековната година најдоцна до 31 март.
Член 13
Обврски на членовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 се:
-да ги почитуваат Статутот и другите акти и нивното делување да биде во согласност со истите;
-редовно да учествуваат во активностите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 соглано Програмата и Планот на активности;
-редовно да ја плаќаат членарината.
ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗПЗП КОЗЈАК 2013
Член 14
ЗПЗП КОЗЈАК 2013 остварува средства од:
-членарина;
-доброволни прилози;
-донации;
-буџет;
-провизии од органи, организации, заедници и од други услуги;
-од трговски друштва и
-од други услуги (имотни права и сл.)
Член 15
Користење и располагање со средствата на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 добиени по основите од претходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.
Член 16
За користење и располагање со средствата одлучуваат органите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013, согласно надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземаат мерки за економско целосообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.
Член 17
ЗПЗП КОЗЈАК 2013 донесува годишен финансиски план за приходите и расходите.
Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуваат по член 14 од Статутот, како и расходите за општествена активност, заедничка потрошувачка на членовите, материјални трошоци за работа на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и други расходи сврзани со работата.
УПРАВУВАЊЕ СО ЗПЗП КОЗЈАК 2013
Член 18
Со ЗПЗП КОЗЈАК 2013 управува организирано членство непосредно или преку свои претставници во органите.
Права и должности на членот-претставник се:
-да избира и да биде биран во органите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
-да работи на развивање и унапредување на општествените и другите активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;
-да ги спроведува во целост одредбите од Статутот и програмските активности;
-да ги застапува интересите и ставовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-да бара стручна и друга помош од областа на материјата.
ОРГАНИ НА ЗПЗП КОЗЈАК 2013
Член 19
Органи на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 се:
1.Собрание;
2.Извршен одбор;
3.Надзорен одбор
Член 20
Собранието е највисок орган на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и е составено од сите членови (согласно член 9, член 10, член 11, член 12 и член 13 од овој Статут).
Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 од своите редови избира Претседател на Собранието со мандат од 2 (две) години, со можност за повторен избор, но не повеќе од 2 (два) мандати едноподруго.
Член 21
Собранието работи на седници.
Собранието одржува седници по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Седница на Собранието свикува и закажува Претседателот на Собранието.
Вонредна седница на Собранието се свикува и закажува и по писмено барање на 1/3 (една третина) од членовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 најдоцна во рок од 30 (триесет) дена. Ако вонредната седница по барање на 1/3 (една третина) од членовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 не биде свикана во рок од 30 (триесет) дена од денот на поднесување на барањето, истата ја свикуваат иницијаторите.
Начинот на свикување на седниците на Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 се определува со Деловникот за работа на Собранието.
Член 22
Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 од редовите на своите членови на редовни или вонредни собранија избира Извршен одбор кој е извршен орган на Собранието.
Член 23
Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од половина од вкупниот број членови на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
Во надлежност на Собранието е следното:
-го донесува Статутот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и врши измени и дополнувања на истиот;
-одлучува за внатрешната организација и организациони форми на органите;
-избира и разрешува членови на органите;
-усвојува програмска ориентација за работа на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 за период од 4 (четири) години, операционализирано во годишните програми;
-го разгледува и усвојува извештајот за работа на Извршниот одбор помеѓу две собранија, по претходно разгледување и давање мислење од Надзорниот одбор;
-ја следи материјално-финансиската состојба на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 помеќу две собранија;
-донесува финансиски план и усвојува завршна сметка на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-расправа за постигнатите резултати од развојот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и дава насоки за натамошен развој на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-донесува одлуки, заклучоци, препораки за решавање на прашања од интерес на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-одлучува за промена на целта на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-одлучува за престанок на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и законите.
Член 24
Извршниот одбор на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 е извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 во согласност со Статутот.
Член 25
Извршниот одбор на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 брои 5 (пет) члена.
Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае 2 (две) години, со можност за повторен избор.
Извршниот одбор од своите редови,со мнозинство на гласови , бира Претседател со мандат од 2 (две) години, со можност за повторен избор , но не повеќе од 2 (два) мандати едно по друго.
Член 26
Претседателот на Извршниот одбор истовремено е и претседател на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и тој го претставува и застапува ЗПЗП КОЗЈАК 2013 .
Потписник е на жиро сметката и се грижи за реализација на финансиските планови и спроведување на одлуките на Собранието и Извршниот одбор.
Во случај на спреченост на Претседателот Извршниот одбор од своите редови бира член кои ќе ги преземе должностите и овластувањата на Претседателот привремено, во својство на вршител на должност.
Претседателот на Собранието може да присуствува на седниците на Извршниот одбор, но без право на глас.
Функциите Претседател на Извршен одбор и Претседател на Собрание се неспоиви.
Член 27
Во надлежност на Извршниот одбор е следното :
-ги спроведува статутарните и програмските задачи на ЗПЗП КОЗЈАК 2013, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
-донесува и реализира годишна програма за работа;
-предлага измени и дополнувања на Статутот;
-донесува соодветни правилници, прифаќа спогодби и склучува договори;
-свикува седници на Собрание и подготвува материјали;
-донесува одлуки за формирање на постојани и повремени комисии, и ја насочува нивната работа;
-организира и активно учествува во организирањето на разни акции и манифестации;
-донесува одлуки за награди, пофалници и признанија;
-донесува одлука за набавка и отуѓување на основните средства;
-донесува одлуки по приговори и жалби;
-врши и други работи кои произлегуваат од потребите на Статутот на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 и од Законот.
Член 28
Извршниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Извршниот одбор се состанува и одржува седници по потреба.
Седницата на Извршниот одбор ја свикува Претседателот.
Предлог за свикување на Извршниот одбор може да поднесе една половина од Извршниот одбор и една третина од членовите на Собранието.
Со седницата раководи и претседава Претседателот, а во негово отсуство член кој ќе го избере Извршниот одбор.
Начинот на свикување на седницата и работењето на Извршниот одбор се уредува со Деловник за работа.
Член 29
Заради извршување на статутарните и програмските задачи и одлуки на Собранието и Извршниот одбор, Собранието формира Надзорен одбор составен од 3 (три) члена со мандат од 2 (две) години, со можност за повторен избор .
Надзорниот одбор од своите редови бира Претседател кој ги свикува, закажува и раководи со седниците на Надзорниот одбор.
Надзорниот одбор врши контрола над спроведувањето на одредбите од овој Статут и контрола на наменското располагање со средствата и приходите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Своите наоди и одлуки Надзорниот одбор ги доставува до Собранието и Извршниот одбор на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
ПРЕСТАНОК НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 30
Здружението ќе престане со работа ако:
-затоа одлучат членовите на ЗПЗП КОЗЈАК 2013;
-ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање;
-ако настанат причини утврдени со член 63 од Законот за здруженија и фондации;
Одлука за престанок на ЗПЗП КОЗЈАК 2013 донесува Собранието со двотретинско мнозинство.
Член 31
По престанокот на работа на ЗПЗП КОЗЈАК 2013, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирување на обврските, преминуваат во сопственост на Црвен крст на Република Македонија.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 32
Право на толкување на одредбите на овој Статут има Собранието на ЗПЗП КОЗЈАК 2013, а помеѓу две собранија, Извршниот одбор на ЗПЗП КОЗЈАК 2013.
Член 33
Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за неговото донесување.
Член 34
Овој Статут влегува во сила на денот на донесување.